Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА

Нашите клетки — жива библиотека!

Нашите клетки — жива библиотека!

ВО 1953 год., молекуларните биолози Џејмс Вотсон и Франсис Крик објавиле едно откритие кое било пресвртница во научното сфаќање за животот. Тие ја откриле структурата на ДНК која е во облик на двојна спирала. * Оваа супстанција наликува на влакно и главно се наоѓа во јадрото на клетките. Таа содржи кодирани, односно „пишани“ информации и затоа може да се каже дека клетките се како жива библиотека. Со ова неверојатно откритие започнала една нова ера во биологијата. Но, за што служат информациите кои се запишани во клетките? Што е уште поважно, кој ги запишал таму?

ЗОШТО НА КЛЕТКИТЕ ИМ СЕ ПОТРЕБНИ ИНФОРМАЦИИ?

Дали некогаш си размислувал како од едно семе настанува дрво или како од една оплодена јајце-клетка настанува човек? Дали си се прашал некогаш како си ги наследил твоите карактеристики? Одговорот на овие прашања се крие во информациите складирани во ДНК.

Речиси сите клетки имаат сложени молекули на ДНК кои наликуваат на долги спирални скали. Во човечкиот геном, односно севкупниот број информации складирани во ДНК, овие скали имаат околу три милијарди хемиски „скалила“. Научниците ги нарекуваат овие скалила базни парови затоа што секое од нив е составено од две хемиски супстанции. Вкупно има четири различни хемиски супстанции, односно бази. Овие супстанции се обележани со првата буква од своето име А, Г, Т и Ц и образуваат едноставна азбука од четири букви. * Во 1957 год., Крик изјавил дека редоследот на базните парови ги формира кодираните упатства. Дури во 1960-тите, можело подобро да се разбере овој код.

Без разлика дали се во облик на слики, звуци или зборови, информациите можат да бидат складирани и обработени на различни начини. На пример, компјутерите го прават тоа на дигитален начин. А живите клетки, пак, ги складираат и обработуваат информациите по хемиски пат. Во тоа клучна улога има ДНК. Таа се пренесува при делбата на клетките и при размножувањето на организмите — нешто што е неопходно за живот.

Како клетките ги користат информациите? ДНК може да си ја претставиме како збирка на рецепти во кои прецизно се опишани процесите чекор по чекор. Но, крајниот резултат не е торта или колач, туку зелка или крава. Се разбира, во живите клетки процесите се одвиваат автоматски, што е уште еден показател за сложеноста и уникатноста на ДНК.

Информациите во клетката на една бактерија можат да пополнат книга со илјада страници

Генетските информации се чуваат сѐ додека има потреба од нив, можеби за да се заменат старите или оштетените клетки со нови здрави клетки или за да се пренесат карактеристиките на потомството. Колку информации се складирани во ДНК? Да размислиме за најмалиот организам, бактеријата. Германскиот научник Бернд-Олаф Куперс изјавил: „Ако молекуларниот текст кој ја опишува структурата на една бактериска клетка се објасни со човечки термини, ќе биде потребно да се напише книга со илјада страници“. Затоа, Дејвид Димер, кој е професор по хемија, напишал: „Големата сложеност дури и на наједноставната форма на живот нѐ остава без зборови“. А што да кажеме за човечкиот геном? Куперс вели: „Ќе биде потребно да се напишат неколку илјади томови кои би исполниле цела библиотека“.

„КОДОТ Е НАПИШАН НА НАЧИН ШТО МОЖЕМЕ ДА ГО РАЗБЕРЕМЕ“

Може да се каже дека кодот на ДНК е „молекуларно-генетски јазик“. Но, тоа „не е само метафора“, вели Куперс. Тој додава: „Исто како јазикот што го зборуваат луѓето, молекуларно-генетскиот јазик си има своја синтакса“. Со други зборови, ДНК има своја „граматика“, односно збир на правила кои одредуваат како се составуваат и како се пренесуваат упатствата.

„Зборовите“ и „речениците“ во ДНК сочинуваат различни „рецепти“ за тоа како се прават протеини и други супстанции што се како градежни блокови за различните клетки од кои е изградено нашето тело. На пример, „рецептите“ може да содржат упатства за тоа како да се создадат клетки од кои се формираат коските, мускулите, нервите или кожата. Ричард Докинс, кој е биолог и еволуционист, напишал: „Самиот молекул на ДНК е информација — порака напишана како хемиски код од кој секоја буква претставува една хемиска супстанција. Иако изгледа неверојатно, кодот е напишан на начин што можеме да го разбереме“.

Библискиот писател Давид во молитва му рекол на Бог: „Твоите очи ме видоа додека бев зародок, во твојата книга сите негови делови беа запишани“ (Псалм 139:16). Иако во овој стих Давид се изразил со поетски зборови, она што го кажал е сосема точно. Освен тоа, и другите библиски писатели пишувале вистинити информации. Ниту еден од нив не бил ни малку под влијание на измислените приказни и митови на другите древни народи (2. Самоилова 23:1, 2; 2. Тимотеј 3:16).

Како едно дете ги наследило карактеристиките од родителите?

КОЈ ГИ ЗАПИШАЛ ИНФОРМАЦИИТЕ ВО ДНК?

Честопати, кога научниците разрешуваат една мистерија, доаѓаат до нова. Ова се случило и со откривањето на ДНК. Кога дознале дека ДНК содржи кодирани информации, многу луѓе се запрашале: ‚Кој ги запишал тие информации?‘ Се разбира, ниту еден човек не видел како настанал првиот молекул на ДНК. Затоа треба самите да дојдеме до заклучоци. Но, тие заклучоци треба да бидат поткрепени со докази. Размисли за следниов пример.

  • Во 1999 год., во Пакистан биле пронајдени парчиња од древни грнчарски садови со необични знаци и симболи. Иако тие не се дешифрирани до ден-денес, јасно е дека биле запишани од човек.

Која е поентата од овој пример? Луѓето сметаат дека информациите, без оглед во каква форма се испишани, секогаш се производ на интелигенција. Не им е потребно да го набљудуваат создавањето на некоја информација за да дојдат до овој заклучок. Сепак, кога станува збор за најсложениот код што им е познат на луѓето — хемискиот код на животот — многумина го игнорираат фактот дека без интелигенција не може да се создаде информација и тврдат дека ДНК е производ на слепата случајност. Дали ваквиот начин на размислување е логичен и доследен? Дали е во склад со основните принципи на науката? Голем број реномирани научници велат ‚не‘. Меѓу нив се и проф. д-р Џин Хванг и проф. д-р Јан-Де Хсу. Прочитај што рекле тие.

Проф. д-р Џин Хванг ги истражува математичките основи на генетиката. Тој верувал во еволуција, но истражувањата што ги спровел му го смениле ставот. За Разбудете се! тој изјави: „Истражувањата на полето на генетиката ни даваат увид во животните процеси [кои се одвиваат во клетката] — нешто што ме исполнува со страхопочит за мудроста на Творецот“.

Проф. д-р Јан-Де Хсу работи на Државниот универзитет за наука и технологија во покраината Пингтунг (Тајван) и го истражува развитокот на ембрионите. И тој порано верувал во еволуција, сѐ додека неговите истражувања не го навеле на поинаков заклучок. Во врска со делбата на клетките и нивните различни функции, тој рекол: „Исправните клетки мора да се создадат по исправен редослед и на исправно место. Најпрво, клетките се спојуваат и формираат ткива. Потоа, кога ткивата ќе се соединат, се создаваат органи и екстремитети. Не постои инженер кој би можел да смисли упатства за тоа како да се одвива еден ваков процес. Сепак, упатствата за развојот на ембрионот се чудесно запишани во ДНК. Кога размислувам за овој величествен процес, станувам сѐ поуверен дека животот е Божје дело“.

Џин Хванг (лево) и Јан-Де Хсу

ДАЛИ Е ВАЖНО?

Правдата вели дека е важно да дознаеме кој стои зад ДНК. Доколку Бог го создал животот, тогаш сета заслуга треба да му припадне нему, а не на еволуцијата (Откровение 4:11). Освен тоа, ако сме дело на мудар Творец, тогаш сигурно има причина зошто сме тука. Нашиот живот би немал никаква смисла доколку сме резултат на чиста случајност. *

Многу луѓе трагаат по вистината. Виктор Франкл, професор по неврологија и психијатрија, вели: „Секој човек копнее да дознае која е смислата на животот“. Со други зборови, сите ние имаме духовни потреби кои сакаме да ги задоволиме. Тие потреби може да постојат само ако сме создадени од Творец. Ако е така, дали Бог ни дал нешто што ќе ни помогне да ги задоволиме духовните потреби?

Исус Христос го дал одговорот. Тој рекол: „Човек не смее да живее само од леб, туку треба да живее и од секој збор што излегува од Јеховината [или Божјата] уста“ (Матеј 4:4). Зборовите на Јехова се запишани во Библијата и им помогнале на милиони лица да ги задоволат духовните потреби, да најдат смисла во животот и да добијат надеж за иднината (1. Солуњаните 2:13). Се надеваме дека Библијата и тебе ќе ти помогне да ги задоволиш духовните потреби. Оваа посебна книга навистина го заслужува твоето внимание.

^ пас. 3 Вотсон и Крик дошле до своите сознанија за дезоксирибонуклеинската киселина, односно ДНК, благодарение на истражувањата што претходно ги спровеле други истражувачи. (Види ја рамката „ ДНК — важни години“.)

^ пас. 6 Четирите супстанции се: аденин, гванин, тимин и цитозин.

^ пас. 21 Нешто повеќе за тоа како настанал животот можеш да прочиташ во брошурата Дали животот е Божје дело?, достапна на www.mt711.com/mk.