Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА

Крајот на светот

Крајот на светот

Во 1. Јованово 2:17 пишува: „Светот поминува и неговата желба“. Што претставува „светот“? Како и кога ‚ќе помине‘?

Што е „светот“ на кој ќе му дојде крај?

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

Со оглед на тоа што во стихот пишува дека светот има желби кои не се во склад со Божјата волја, доаѓаме до заклучок дека светот не ја претставува дословната Земја, туку ги претставува луѓето кои не му се послушни на Бог и кои поради тоа стануваат негови непријатели (Јаков 4:4).Овие луѓе „ќе бидат казнети со вечно уништување“ (2. Солуњаните 1:7-9). Од друга страна, луѓето кои му се послушни на Исус Христос со тоа што не се дел од светот‘ имаат можност да добијат вечен живот (Јован 15:19).

Всушност, 1. Јованово 2:17 завршува со следниве зборови: „Оној што ја врши Божјата волја останува засекогаш“. Освен тоа, во Псалм 37:29 пишува: „Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“. Значи, луѓето што му се послушни на Бог имаат надеж да живеат вечно на Земјата.

„Немојте да го сакате ниту светот ниту она што е во светот! Ако некој го сака светот, љубовта кон Таткото не е во него“ (1. Јованово 2:15)

Како ќе му биде ставен крај на светот?

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

Крајот на светот ќе се одвива во две фази. Прво, Бог ќе ги уништи лажните религии кои во Библијата се споредени со блудница наречена „Големиот Вавилон“ (Откровение 17:1-5; 18:8). Таа тврди дека му е лојална на Бог, но истовремено го изневерува со политичките водачи. Меѓутоа, политичките водачи одеднаш ќе се свртат против неа. Во Откровение 17:16 пишува: „Тие ќе ја замразат блудницата и ќе ја опустошат и ќе ја разголат. И ќе го изедат нејзиното месо [или богатство] и ќе ја изгорат со оган“.

Потоа, Бог ќе се пресмета со политичките водачи, односно со „царевите од целиот свет“. Заедно со злобните луѓе, и тие ќе бидат уништени во „војната која ќе се случи во големиот ден на Семоќниот Бог“, наречена Армагедон (Откровение 16:14, 16).

„Барајте го Јехова, сите кротки на земјата... Барајте ја праведноста, барајте ја кроткоста, и веројатно ќе бидете заштитени во денот на Јеховиниот гнев“ (Софонија 2:3)

Кога ќе дојде крајот на светот?

ШТО ВЕЛИ БИБЛИЈАТА:

Крајот на светот ќе дојде откако на луѓето, општо земено, ќе им биде проповедано за Божјето Царство, влада која ќе ги замени сите човечки влади (Даниел 7:13, 14). Исус Христос рекол: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14). Делото на проповедање, кое е одраз на Божјата праведност, е дел од еден знак кој ќе го означи времето на крајот. Времето на крајот ќе биде обележано и со војни, земјотреси, глад и болести (Матеј 24:3; Лука 21:10, 11).

Освен што прорекува кои настани ќе се случуваат во светот, Библијата открива и какви ќе бидат луѓето во „последните денови“. Во 2. Тимотеј 3:1-5 пишува: „Ќе настанат особено тешки времиња. Зашто, луѓето ќе бидат себељубиви, алчни за пари,.. непослушни на родителите,.. без самосовладување, сурови, без љубов кон добротата,.. повеќе ќе ги сакаат уживањата отколку Бог“. *

Сегашниот злобен свет наскоро ‚ќе помине‘ (1. Јованово 2:17)

Ваквите услови почнаа да владеат од 1914 год., кога започна Првата светска војна. Оттогаш, добрата вест за Божјето Царство се објавува по целата Земја. За Јеховините сведоци е чест што можат да го извршуваат ова дело. Всушност, главното списание кое го издаваат носи наслов Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство.

„Бдејте, зашто не го знаете ниту денот ниту часот“ (Матеј 25:13)

^ пас. 14 За повеќе информации, види го поглавје 9 од книгата Што навистина учи Библијата?, издадена од Јеховините сведоци. Достапна е и на www.mt711.com/mk.