Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

НА КОЈ НАЧИН ЌЕ СЕ РЕШАТ СИТЕ ПРОБЛЕМИ

Под власта на Божјето Царство „ќе има голем мир“

Под власта на Божјето Царство „ќе има голем мир“

Наскоро, долгоочекуваното Божје Царство — владата чиј основач е Бог — ќе воспостави мир на целата Земја, и луѓето ќе живеат во единство и слога. Библијата ветува: „Ќе има голем мир“ (Псалм 72:7). Но, кога и како Царството ќе завладее над целата Земја? И што може да значи тоа за тебе лично?

КОГА ЌЕ ДОЈДЕ БОЖЈЕТО ЦАРСТВО?

Библијата прорекла дека ќе се случуваат низа впечатливи настани како дел од еден знак кој ќе покаже дека Божјето Царство наскоро ќе дојде. Во него спаѓаат војни од светски размери, глад, болести, силни земјотреси и пораст на беззаконието низ целиот свет (Матеј 24:3, 7, 12; Лука 21:11; Откровение 6:2-8).

Едно друго пророштво вели: „Во последните денови ќе настанат особено тешки времиња. Зашто, луѓето ќе бидат себељубиви, алчни за пари... непослушни на родителите, неблагодарни, нелојални, бесчувствителни кон другите, неспремни за каков и да било договор, клеветници, без самосовладување, сурови, без љубов кон  добротата... горди, повеќе ќе ги сакаат уживањата отколку Бог“ (2. Тимотеј 3:1-4). Точно е дека отсекогаш имало поединци што ги покажувале овие особини. Но, денес најголем дел од луѓето се такви.

Овие пророштва почнале да се исполнуваат во 1914 год. Многу историчари, државници и писатели пишувале за тоа како светот се сменил по таа година. На пример, данскиот историчар Питер Мунк напишал: „Избувнувањето на војната во 1914 год. е голема пресвртница во историјата на човештвото. Од една епоха на напредок... влеговме во век на катастрофи, ужаси и омраза, во век на несигурност“.

Но, како што после дожд изгрева сонце, така и лошите услови во светот денес покажуваат дека наскоро ќе дојде нешто добро — Царството ќе завладее над целата Земја. Всушност, Исус спомнал една позитивна работа која требало да биде дел од самиот знак за крајот. Тој рекол: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“ (Матеј 24:14).

Таа добра вест е главна тема на пораката што ја проповедаат Јеховините сведоци. И самиот назив на нивното главно списание е Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство. Во него често се зборува за прекрасните работи што Божјето Царство ќе ги направи за луѓето и за Земјата.

КАКО БОЖЈЕТО ЦАРСТВО ЌЕ ЗАВЛАДЕЕ НАД ЦЕЛАТА ЗЕМЈА?

Одговорот на ова прашање ги вклучува следниве четири важни работи:

  1. Царството нема да ја спроведе својата власт преку денешните политички водачи.

  2. Политичките водачи во светот неразумно ќе му се спротивстават на Божјето Царство во очајнички обид да ја зачуваат својата власт (Псалм 2:2-9).

  3. Божјето Царство ќе мора да ги уништи сите политички влади кои сакаат и понатаму да господарат над луѓето (Даниел 2:44; Откровение 19:17-21). Овој последен судир, односно војна од светски размери е наречена Армагедон (Откровение 16:14, 16).

  4. Сите оние што спремно му се подложуваат на Божјето Царство ќе бидат заштитени во Армагедон и ќе продолжат да живеат во еден мирољубив нов свет. Тие ќе го сочинуваат „големото мноштво“ спомнато во Библијата, кое веројатно ќе брои милиони лица (Откровение 7:9, 10, 13, 14).

ШТО МОЖЕ ДА ЗНАЧИ БОЖЈЕТО ЦАРСТВО ЗА ТЕБЕ ЛИЧНО?

За некој да стане поданик на Божјето Царство, најпрво мора да стекне знаење. Всушност, Исус му рекол на Бог во молитва: „За [луѓето] да добијат вечен живот, треба добро да те запознаат тебе, единствениот вистински Бог, и оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3).

Ако добро го запознаеш Јехова Бог како личност, тоа ќе ти користи на многу начини. Да разгледаме само два. Прво, ќе стекнеш цврста вера во него. Таквата вера, која се темели на докази, ќе те увери дека Божјето Царство е вистинска влада која наскоро ќе ја спроведе својата власт (Евреите 11:1). Второ, твојата љубов кон Бог и кон ближните сѐ повеќе ќе расте. Љубовта кон Бог ќе те поттикне да му бидеш послушен од срце. А љубовта кон ближните ќе те мотивира да го применуваш познатото Златно правило кое го дал Исус кога рекол: „Како што сакате луѓето да ви прават вам, така правете им и вие ним“ (Лука 6:31).

Како грижлив татко, нашиот Творец ни го посакува најдоброто. Тој сака да го добиеме „вистинскиот живот“ (1. Тимотеј 6:19). Денес не го живееме „вистинскиот живот“ за кој зборува Библијата. За повеќето луѓе, секој ден е само борба за опстанок. Но, каков ќе биде „вистинскиот живот“? Да разгледаме само некои од прекрасните работи што Божјето Царство ќе ги обезбеди за своите поданици.

Под власта на Божјето Царство, луѓето ќе се чувствуваат сигурно и ќе имаат храна во изобилство