Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Ако ти починал некој близок

Ако ти починал некој близок

„Кога мојот постар брат ненадејно почина, се чувствував беспомошно. Со месеци подоцна, секогаш кога ќе помислев на него, ме прободуваше остра болка во градите. Понекогаш ми навираа и чувства на гнев. Зошто брат ми мораше да умре? Ме печеше и совеста затоа што не поминував повеќе време со него додека беше жив“ (Ванеса, Австралија).

АКО ти починал некој близок, сигурно и тебе те преплавуваат различни чувства — тага, осаменост и беспомошност. Веројатно чувствуваш гнев, вина и страв. Можеби дури и си мислиш дека повеќе нема за што да живееш.

Не е погрешно да тагуваш, дури и подолго време. Тоа само покажува колку многу си го сакал оној што ти починал. Сепак, има ли нешто што може барем донекаде да ти ја ублажи болката?

ШТО ИМ ПОМОГНАЛО НА НЕКОИ

Дури и да ти се чини дека твојата болка нема никогаш да исчезне, можеби ќе ти бидат од помош следниве неколку предлози:

НЕМОЈ ДА ЈА ПОТИСНУВАШ ТАГАТА

Некои луѓе тагуваат пократко, а некои подолго. Освен тоа, сите не жалат на ист начин. Ако плачеш, тоа може да ти донесе извесно олеснување. Ванеса, која беше цитирана во почетокот, вели: „Плачев без престан. Имав потреба некако да се ослободам од болката“. Софија, чија сестра ненадејно починала, вели: „Многу ми е тешко кога размислувам за она што се случи. Болката е речиси неподнослива — исто како да отвориш и да чистиш инфицирана рана. Но нема друг начин раната да се залечи“.

ЗБОРУВАЈ ЗА СВОИТЕ ЧУВСТВА СО НЕКОГО

Се разбира, понекогаш можеби ќе сакаш да бидеш сам. Но, тагата е претежок товар за да може човек сам да го носи. На Џеред, кој има 17 години, му починал татко му. Тој вели: „Зборував за моите чувства со другите. Сигурно тоа што го кажував немаше некоја смисла, но се чувствував подобро само затоа што можев да се искажам“. Џенис, која беше цитирана во воведната статија, спомнува уште една корист: „За мене беше многу утешно што можев да зборувам со другите. Тие имаа разбирање за моите чувства, и не бев толку осамена“.

ПРИФАТИ ПОМОШ

Еден лекар вели: „Ужалените кои им дозволуваат на пријателите и на роднините да им помогнат да го пребродат првичниот шок, обично можат полесно да се изборат со своите чувства во другите фази на тагувањето“. Затоа, кажи им на пријателите што можат да направат за тебе. Тие веројатно сакаат да ти помогнат, но можеби не знаат како (Изреки 17:17).

СТАНИ ПОБЛИЗОК СО БОГ

Тина вели: „Кога маж ми ненадејно почина од рак, повеќе немав со кого да зборувам за сите работи што ме мачеа. Затоа почнав во молитва да му кажувам сѐ на Бог. Секое утро го молев да ми дава сила за тој ден. Тој ми помагаше на безброј начини“. Тарша, која имала 22 години кога починала мајка ѝ, вели: „Секој ден ја читав Библијата. Таа ми даваше неизмерна утеха и ми помагаше да размислувам за позитивни работи“.

ЗАМИСЛУВАЈ СИ ГО ВОСКРЕСЕНИЕТО

Тина вели: „Во почетокот, надежта за воскресение не ми беше од голема утеха бидејќи мене ми требаше мојот сопруг тогаш, а и на децата им требаше нивниот татко. Сепак сега, четири години подоцна, оваа надеж многу ми значи. Таа ме одржува во живот. Си го замислувам мигот кога пак ќе го видам, и тоа ми носи големо спокојство и радост“.

И покрај сѐ, веројатно нема веднаш да се чувствуваш подобро. Сепак, она што го вели Ванеса може да биде утешно: „Си мислиш дека болката нема никогаш да попушти, но со текот на времето станува подобро“.

Иако празнината што ја чувствуваш во срцето веројатно нема да исчезне, сепак вреди да живееш. Бог ќе ти ја даде потребната помош за да можеш пак да се радуваш на блиски пријателства и да водиш исполнет живот. И наскоро, Бог ќе ги воскресне мртвите. Тој сака повторно да ги прегрнеш твоите најблиски што починале. Тогаш болката од твоето срце засекогаш ќе ја снема!