Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

За надежта за оние што умреле

За надежта за оние што умреле

Што учиме од Исус

За надежта за оние што умреле

Исус воскреснал најмалку три лица, со што покажал дека постои надеж за оние што умреле (Лука 7:11-17; 8:49-56; Јован 11:1-45). За да разбереме каква е таа надеж, најнапред треба да ни биде јасно зошто умираме.

Зошто се разболуваме и умираме?

Кога Исус им ги простил на луѓето нивните гревови, тие биле излекувани. На пример, кога му донеле еден парализиран човек, Исус рекол: ‚„Што е полесно? Да се рече: ‚Простени ти се гревовите‘, или да се рече: ‚Стани и оди‘? Но знајте дека Синот човечки има власт на земјата да простува гревови“. Тогаш му рекол на парализираниот: „Стани, земи си ја носилката и оди си дома“‘ (Матеј 9:2-6). Значи, причина за болестите и смртта е гревот. Нашата вродена грешност сме ја наследиле од првиот човек, Адам (Лука 3:38; Римјаните 5:12).

Зошто умрел Исус?

Исус никогаш не направил грев. Затоа, не заслужил да умре. Со тоа што умрел наместо нас, Исус платил за нашите гревови. Тој рекол дека неговата крв „ќе се пролее за мнозина заради простување на гревовите“ (Матеј 26:28).

Исус, исто така, рекол: „Синот човечки не дојде да му служат, туку да служи и да го даде својот живот како откупнина за мнозина“ (Матеј 20:28). Цената што ја платил Исус ја нарекол „откупнина“ бидејќи со неа можел да ослободи некого од смрт. Тој го рекол и следново: „Јас дојдов за да имаат живот и да го имаат во изобилие“ (Јован 10:10). За да разбереме потполно каква е надежта за оние што умреле, мора да знаеме и што се случува со нив додека се умрени.

Што се случува кога некој ќе умре?

Кога умрел Лазар, Исусовиот пријател, Исус опишал што се случува кога некој ќе умре. Тој им рекол на своите ученици: ‚„Нашиот пријател Лазар заспа, но јас одам [во Витанија] да го разбудам.“ Тие си мислеле дека зборува за спиењето, за сонот. Тогаш Исус отворено им рекол: „Лазар умре“‘. Со тоа јасно покажал дека мртвите спијат, односно не се свесни за ништо (Јован 11:1-14).

Исус го воскреснал својот пријател Лазар четири дена по смртта. Сепак, во Библијата не пишува дека Лазар кажал нешто за она што му се случувало за тоа време. Додека бил мртов, Лазар не бил свесен за ништо и не знаел ништо (Проповедник 9:5, 10; Јован 11:17-44).

Каква е надежта за оние што умреле?

Мртвите ќе оживеат и ќе можат да живеат вечно. Исус рекол: „Доаѓа часот во кој сите оние што се во гробовите ќе го чујат [Исусовиот] глас и ќе излезат“ (Јован 5:28, 29).

Оваа надеж е израз на Божјата љубов. Исус рекол: „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16; Откровение 21:4, 5).

Нешто повеќе можеш да прочиташ во 6. поглавје од книгата Што навистина учи Библијата? *

[Фуснота]

^ Издадена од Јеховините сведоци.