Префрли се на текстот

Што ни открива Библијата за диносаурусите?

Што ни открива Библијата за диносаурусите?

Што вели Библијата:

 Диносаурусите не се директно спомнати во Библијата. Сепак, од неа дознаваме дека Бог создал сѐ, што значи дека и овие животни биле меѓу живите суштества што тој ги создал a (Откровение 4:11). Иако диносаурусите не се директно спомнати во Библијата, во неа се наведени одредени групи на животни во кои можеби спаѓале:

  •   „Големите морски животни“ или „чудовишта“ (1. Мојсеева 1:21; Превод на Д-р Душан Х. Константинов).

  •   „Сите лазачи на земјата“ (1. Мојсеева 1:25 Превод на Д-р Душан Х. Константинов).

  •   „Дивите земни животни“ (1. Мојсеева 1:25).

Дали диносаурусите настанале по пат на еволуција?

 Во фосилните записи диносаурусите се појавуваат одеднаш, а не постепено како да настанале по пат на еволуција. Ова е во склад со она што го тврди Библијата — дека Бог ги создал сите животни. На пример, во Псалм 146:6 за Бог се вели дека е „Творецот на небото и на земјата и на морето и на сѐ што е во нив“.

Во кој период живееле диносаурусите?

 Според Библијата, морските и земните животни биле создадени во текот на петтиот и шестиот ден од создавањето b (1. Мојсеева 1:20-25, 31). Од ова можеме да заклучиме дека диносаурусите постоеле во текот на еден подолг временски период.

Дали вехемот и левијатанот биле диносауруси?

 Не. Иако не можеме со сигурност да тврдиме кои биле овие животни спомнати во книгата Јов, се смета дека вехемот се однесува на нилскиот коњ, а левијатан на крокодилот. Ова се совпаѓа со описот што е даден за нив во Библијата (Јов 40:15-23, фуснота; 41:1, 14-17, 31, фуснота). Како и да е, изразите „вехемот“ и „левијатан“ не може да се однесуваат на диносауруси. Бог му кажал на Јов да ги набљудува овие животни, а тој живеел долго време откако диносаурусите исчезнале (Јов 40:16; 41:8).

Што се случило со диносаурусите?

 Библијата не ни кажува како исчезнале диносаурусите. Сепак, таа ни кажува дека сѐ постои „поради [Божјата] волја“, што значи дека Бог очигледно ги создал диносаурусите со одредена цел (Откровение 4:11). Кога таа цел се исполнила, Бог дозволил диносаурусите да изумрат.

a Пронајдените фосилни остатоци се доказ дека диносаурусите навистина постоеле. Всушност, фосилите покажуваат дека во еден период овие животни ги имало во многу голем број. Имало разни видови диносауруси со разни големини.

b Во Библијата зборот „ден“ може да укажува на временски период кој траел илјадници години (1. Мојсеева 1:31; 2:1-4; Евреите 4:4, 11).