Префрли се на текстот

Зошто родителите не ме оставаат да се забавувам?

Зошто родителите не ме оставаат да се забавувам?

Замисли си ја следнава ситуација:

Сакаш да одиш на забава, ама не си сигурен дали твоите ќе те пуштат. Која опција би ја избрал ти?

  1.  НЕМА ДА ПРАШАМ, НО ЌЕ ОДАМ

  2.  НЕМА ДА ПРАШАМ, НЕМА НИ ДА ОДАМ

  3.  ЌЕ ПРАШАМ И ЌЕ ВИДАМ ШТО ЌЕ БИДЕ

 1. НЕМА ДА ПРАШАМ, НО ЌЕ ОДАМ

 Зошто би се решил на оваа опција: Сакаш да се покажеш пред другарите колку си независен. Сметаш дека знаеш повеќе од родителите или не го цениш многу нивното мислење (Изреки 14:18).

 Резултат: Можеби твоите пријатели ќе бидат импресионирани, но ќе откријат и нешто за тебе — дека си спремен да мамиш. Ако ги мамиш родителите, може да им го направиш тоа и ним. Ако твоите родители дознаат, ќе бидат повредени и ќе се чувствуваат изневерени, а најверојатно и ќе те казнат да не излегуваш некое време! (Изреки 12:15).

 2. НЕМА ДА ПРАШАМ, НЕМА НИ ДА ОДАМ

 Зошто би се решил на оваа опција: Размислуваш и заклучуваш дека она што ќе се прави не е во склад со твоите мерила или дека некои од поканетите не се добро друштво (1. Коринќаните 15:33; Филипјаните 4:8). Од друга страна, можеби сакаш да одиш, но немаш храброст да ги прашаш родителите.

 Резултат: Ако не одиш затоа што знаеш дека тоа е лоша идеја, ќе можеш сосема мирно да ги одбиеш пријателите. Но, ако не одиш само затоа што немаш храброст да ги прашаш родителите, на крајот може да останеш дома скиснат, со чувство дека сите, освен тебе, се забавуваат.

 3. ЌЕ ПРАШАМ И ЌЕ ВИДАМ ШТО ЌЕ БИДЕ

 Зошто би се решил на оваа опција: Го почитуваш авторитетот и мислењето на твоите родители (Колошаните 3:20). Ги сакаш и не сакаш да ги повредиш со тоа што скришум ќе излезеш со пријателите (Изреки 10:1). Исто така, имаш можност да ги изнесеш своите аргументи.

 Резултат: Твоите родители гледаат дека ги сакаш и ги почитуваш. Освен тоа, ако видат дека твоето барање е разумно, може да те пуштат.

Зошто родителите може да не те пуштат

Како спасувачите на плажа, твоите родители подобро ги гледаат работите и можат да те предупредат на потенцијалните опасности

 Една причина би можеле да ја објасниме со овој пример: Ако треба да бираш, веројатно би одбрал да пливаш на плажа на која има спасувачи. Зошто? Затоа што, додека се разладуваш во водата, не си свесен за сите опасности. Но, спасувачите подобро ги гледаат работите и можат да ги забележат опасностите. Слично на тоа, твоите родители, кои имаат поголемо знаење и искуство, се свесни за опасностите што ти не ги гледаш. Исто како спасувачите на плажа, твоите родители не сакаат да не се забавуваш, туку сакаат да ти помогнат да ги избегнеш опасностите што можат да ти ја одземат радоста во животот.

 Еве уште една причина: Твоите родители имаат силна желба да те заштитат. Љубовта ги мотивира да ти речат ‚да‘ секогаш кога може и ‚не‘ кога мора. Кога бараш од нив дозвола за нешто, најпрво размислуваат дали можат да ти го одобрат тоа и да живеат со последиците од својата одлука. Ќе бидат мирни и ќе те пуштат да го направиш она што го бараш само ако се уверени дека нема да ти се случи ништо лошо.

Што ќе ти помогне да ти дозволат нешто

Од помош може да ти бидат четири работи

 Искреност: Прво, треба искрено да се прашаш: ‚Зошто сакам да одам таму? Дали првенствено затоа што многу го сакам она што ќе се прави или чисто за да се вклопам во друштвото? Дали затоа што таму ќе биде некој што ми се допаѓа?‘ Потоа биди искрен со родителите. И тие биле млади, а и добро те познаваат, што значи дека и онака веројатно ќе сфатат кои се твоите вистински мотиви. Ќе ја ценат твојата искреност, а тебе ќе ти користи нивната мудрост (Изреки 7:1, 2). Но, ако не си искрен, си ја поткопуваш довербата и има помали шанси да те пуштат.

 Добар тајминг: Немој да ги засипеш своите родители со барања веднаш штом ќе си дојдат од работа или кога се зафатени со нешто. Започни разговор кога се поопуштени. Но, немој да чекаш до последен момент и да бараш веднаш да ти одговорат. На твоите родители нема да им се допадне да ги тераш набрзина да одлучат нешто. Прашај ги доволно рано за да имаат време да размислат.

 Содржина: Не испуштај детали. Објасни што точно сакаш да правиш. На родителите обично не им е баш мило да слушнат: „Не знам“, особено кога ќе те прашаат: „Кој друг ќе биде таму?“ „Ќе има ли и некој возрасен што ќе биде одговорен?“ или „Кога ќе се вратиш?“

 Став: Не гледај на твоите родители како на непријатели. Сметај ги за дел од твојот тим бидејќи, на крајот на краиштата, тие и се во твојот тим. Ако сметаш дека се на твоја страна, нема да звучиш како да си спремен за кавга и поголема е веројатноста дека ќе соработуваат.

 Покажи им на родителите дека си доволно зрел да ја прифатиш нивната одлука и да ја почитуваш. Тогаш и тие ќе те почитуваат тебе. А следниот пат кога ќе побараш нешто, можеби ќе бидат поспремни да ти одобрат.