Префрли се на текстот

Дали Јеховините сведоци ја признаваат науката?

Дали Јеховините сведоци ја признаваат науката?

 Ние многу ги цениме научните достигнувања и ги признаваме научните откритија кои се поткрепени со докази.

 Според еден речник, меѓу другото, науката претставува „систем од знаења за законитостите во развојот на природата“ (Дигитален речник на македонскиот јазик). Иако Библијата не е научна книга, таа нѐ поттикнува да учиме за природата и да извлечеме корист од научните сознанија до кои дошле луѓето. Да видиме неколку примери што го потврдуваат ова.

  •   Астрономија: „Подигнете ги очите угоре и гледајте! Кој го создал тоа? Оној што ја изведува нивната војска според нивниот број и ги вика сите по име“ (Исаија 40:26).

  •   Биологија: „[Соломон] зборуваше за дрвјата, од кедарот што е на Ливан до исопот што никнува на ѕидот. Зборуваше за ѕверовите, за суштествата што летаат, за суштествата што лазат по земја и за рибите“ (1. Царевите 4:33).

  •   Медицина: „Веселото срце дејствува добро како лек, а скршениот дух ги суши коските“ (Изреки 17:22).

  •   Метеорологија: „Си влегол ли во ризниците на снегот и си ги видел ли ризниците на градот?.. По кој пат се шири светлината и се разнесува источниот ветар по земјата?“ (Јов 38:22-24).

 Во нашите публикации често излегуваат статии во врска со природата и научните достигнувања, што покажува дека многу ја цениме науката. Јеховините сведоци ги поттикнуваат своите деца да учат за природата за да можат подобро да го разберат светот околу себе. Има многу Јеховини сведоци кои професионално се занимаваат со некое поле од науката како, на пример, биохемија, математика и физика.

Науката и нејзините ограничувања

 Сметаме дека науката не може да даде одговор на сите прашања што луѓето обично ги поставуваат. a На пример, геолозите го испитуваат составот на Земјата, а биолозите ги истражуваат функциите на човечкото тело. Но, кој може да даде одговор на прашањето зошто Земјата е погодна за живот и зошто сите делови од човечкото тело функционираат во совршен склад?

 Ние сме уверени дека само Библијата може да даде одговор на овие прашања (Псалм 139:13-16; Исаија 45:18). Затоа, сметаме дека ќе имаме поцелосен увид во работите ако учиме и од науката и од Библијата.

 Понекогаш може да изгледа дека науката и Библијата си противречат. Но, до вакви „противречности“ може да дојде поради погрешно разбирање на некои библиски учења. На пример, никаде во Библијата не пишува дека Земјата била создадена во текот на шест дословни дена (1. Мојсеева 1:1; 2:4).

 Некои теории кои многу луѓе ги сметаат за научни не се поткрепени со цврсти докази, а не се признаени ни од некои угледни научници. На пример, многу биолози, хемичари и други стручни лица дошле до заклучок дека живите организми не настанале преку случајни мутации и по пат на природна селекција, туку дека се создадени од интелигентен Творец. Истото мислење го делиме и ние.

a Австрискиот физичар и нобеловец Ервин Шредингер напишал дека науката е „необично тивка во врска со сѐ она што навистина сакаме да го знаеме, она што навистина ни значи“. Алберт Ајнштајн изјавил: „Од лошите искуства научивме дека логичното размислување не е доволно за да се најдат решенија за проблемите во општеството“.