Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЛЕКЦИЈА 9

Како да имаш среќен семеен живот?

Како да имаш среќен семеен живот?

1. Зошто е важно сопружниците да бидат венчани за да имаат среќен семеен живот?

Добрата вест доаѓа од Јехова, кој е среќен Бог и сака и семејствата да бидат среќни (1. Тимотеј 1:11). Тој ја основал брачната заедница. Законски склопениот брак овозможува и родителите и децата да се чувствуваат сигурни, среќни и сакани. Христијаните треба да ги почитуваат локалните закони во врска со регистрацијата на бракот (Прочитај Лука 2:1, 4, 5.)

Како гледа Бог на бракот? Тој сака бракот да биде трајна врска меѓу еден маж и една жена. Јехова сака мажот и жената да бидат верни еден на друг (Евреите 13:4). Тој го мрази разводот (Малахија 2:16). Но, дозволува еден христијанин да се разведе и повторно да стапи во брак само ако неговиот брачен другар извршил прељуба. (Прочитај Матеј 19:3-6, 9.)

2. Како треба мажот и жената да се однесуваат еден со друг?

Јехова имал намера во бракот мажот и жената да се надополнуваат еден со друг (1. Мојсеева 2:18). Мажот е глава на семејството, и затоа првенствено тој е одговорен да го издржува своето семејство и да го поучува за Бог. Тој треба да покажува несебична љубов кон својата жена. Мажот и жената треба да се сакаат и да се почитуваат. Бидејќи и двајцата се несовршени, за да имаат среќен брак многу е важно да научат да си простуваат. (Прочитај Ефешаните 4:31, 32; 5:22-25, 33; 1. Петрово 3:7.)

3. Треба ли да се разделите ако немате добар брак?

Ако имате брачни проблеми, секој од вас треба да даде сѐ од себе за да постапува со љубов кон својот брачен партнер (1. Коринќаните 13:4, 5). Божјата Реч не препорачува мажот и жената да се раздвојат како решение за вообичаените брачни проблеми. (Прочитај 1. Коринќаните 7:10-13.)

4. Деца, што ви посакува Бог?

Јехова сака да бидете среќни. Бидејќи знае што е најдобро за вас, ви дава мудри совети. Бог сака да ги слушате своите родители затоа што нивните совети и искуство можат многу да ви помогнат (Колошаните 3:20). Исто така, Јехова сака да почувствувате колкава радост носи тоа што ќе му бидете послушни на својот Творец и на неговиот Син. (Прочитај Проповедник 11:9—12:1; Матеј 19:13-15; 21:15, 16.)

5. Родители, што да направите за вашите деца да бидат среќни?

Како родители, треба да им обезбедите на своите деца храна, облека и кров над глава (1. Тимотеј 5:8). Но, за децата да бидат среќни, треба да им помогнете да го засакаат Бог и да учат од него (Ефешаните 6:4). Ако од вас видат дека го сакате Бог, тоа може силно да влијае врз нивните срца. Кога ги поучувате на темел на Божјата Реч, им помагате исправно да размислуваат. (Прочитај 5. Мојсеева 6:4-7; Изреки 22:6.)

На децата им се потребни охрабрување и пофалба. Исто така, им требаат совети и укор. Ако ги воспитувате на ваков начин, ќе ги заштитите од лошите постапки кои би можеле да им ја уништат среќата (Изреки 22:15). Сепак, никогаш не треба да бидете груби или сурови. (Прочитај Колошаните 3:21.)

Јеховините сведоци имаат издадено неколку книги за родители и деца. Овие книги се темелат на Библијата. (Прочитај Псалм 19:7, 11.)