Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЛЕКЦИЈА 2

Кој е Бог?

Кој е Бог?

1. Зошто треба да го обожаваме Бог?

Вистинскиот Бог е оној што создал сѐ. Тој нема ни почеток ни крај (Псалм 90:2). Од него доаѓа добрата вест што е запишана во Библијата (1. Тимотеј 1:11). Бидејќи ни дал живот, треба да го обожаваме само него. (Прочитај Откровение 4:11.)

2. Каков е Бог?

Никој никогаш не го видел Бог затоа што тој е духовно суштество, што значи дека е повисок облик на живот од сите други суштества на Земјата (Јован 1:18; 4:24). Сепак, можеме да дознаеме каков е Бог ако го набљудуваме она што го создал. На пример, кога размислуваме за разновидните цвеќиња и плодови што постојат, сфаќаме колку нѐ сака и колку е мудар. А бескрајната вселена открива колкава е Неговата моќ. (Прочитај Римјаните 1:20.)

Уште повеќе можеме да го запознаеме Бог ако ја читаме Библијата. На пример, од неа дознаваме што му се допаѓа, а што не му се допаѓа, како постапува со луѓето и како реагира во различни ситуации. (Прочитај Псалм 103:7-10.)

3. Дали Бог има име?

Исус рекол: „Татко наш, кој си на небесата, да се свети името твое“ (Матеј 6:9). Иако Бог има многу титули, тој има само едно име. На секој јазик неговото име се изговара поинаку. На македонски обично велиме „Јехова“, а понекогаш „Јахве“. (Прочитај Псалм 83:18.)

Божјето име било извадено од многу Библии и било заменето со титулите Господ или Бог. Но, кога била напишана Библијата, Божјето име стоело на околу 7.000 места. Исус им го кажувал на луѓето Божјето име кога ги поучувал за Бог. (Прочитај Јован 17:26.)

Гледај го видеоклипот Дали Бог има име?

4. Дали Јехова се грижи за нас?

Исто како овој грижлив татко, Бог прави работи што се за наше трајно добро

Дали тоа што има толку многу страдања значи дека Јехова е Бог што не се грижи за нас? Некои луѓе велат дека Бог дозволува да страдаме за да нѐ искуша, но тоа не е точно. (Прочитај Јаков 1:13.)

Бог им искажал чест на луѓето со тоа што им дал слободна волја. Зар не треба да го цениме тоа што имаме слобода да избереме да му служиме на Бог? (Исус Навин 24:15). Но, мнозина избираат да им прават лошо на другите и затоа има толку многу страдања. На Јехова му е многу тешко кога гледа такви неправди. (Прочитај 1. Мојсеева 6:5, 6.)

Јехова е Бог кој се грижи за нас. Тој сака да му се радуваме на животот. Наскоро ќе им стави крај на страдањата и на оние што ги предизвикуваат. Во меѓувреме, Бог има добра причина што привремено ги допушта страдањата. Во 8. лекција ќе дознаеме која е таа причина. (Прочитај 2. Петрово 2:9; 3:7, 13.)

5. Како да се зближиме со Бог?

Јехова сака да се зближиме со него на тој начин што ќе му се молиме. Бог е заинтересиран за секого од нас (Псалм 65:2; 145:18). Тој е спремен да прости. Забележува дека се трудиме да му угодиме, иако понекогаш не успеваме. Значи, и покрај тоа што сме несовршени, можеме да бидеме блиски со Бог. (Прочитај Псалм 103:12-14; Јаков 4:8.)

Бидејќи ни го дал животот, треба да го сакаме Јехова најмногу од сѐ (Марко 12:30). Ќе покажеме дека го сакаме со тоа што ќе учиме за него и ќе го правиме она што го бара од нас. Така уште повеќе ќе се зближиме со него. (Прочитај 1. Тимотеј 2:4; 1. Јованово 5:3.)