Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како да им помогнеме на оние што страдаат од некое ментално нарушување

Како да им помогнеме на оние што страдаат од некое ментално нарушување

БИБЛИЈАТА ВЕЛИ: „Вистинскиот пријател сака во секое време, и брат станува во неволја“ (ИЗРЕКИ 17:17).

Што значи ова

Ако некој наш пријател се бори со некое ментално нарушување, лесно може да нѐ обземат чувства на беспомошност. Но, можеме да му покажеме колку многу се грижиме за него така што ќе му помагаме полесно да се справи со тешкотиите поврзани со нарушеното ментално здравје. Како?

Како ова може да помогне

Биди „брз на слушање“ (ЈАКОВ 1:19).

Еден од најдобрите начини да му помогнеш на твојот пријател е да го слушаш кога тој сака да зборува. Немој да мислиш дека треба да одговориш на сѐ што ќе каже. Дај му до знаење дека внимателно го слушаш и дека се грижиш за него. Обиди се да разбереш како се чувствува и немој избрзано да донесуваш заклучоци ниту да го осудуваш. Имај на ум дека можеби ќе каже нешто што не го мисли и за кое подоцна ќе му биде жал (Јов 6:2, 3).

„Тешете ги потиштените“ (1. СОЛУЊАНИТЕ 5:14).

Можеби некој твој пријател се бори со анксиозност или со чувства на безвредност. Дури и ако не знаеш што да му кажеш, можеш да го охрабриш и да го утешиш ако го увериш дека се грижиш за него.

„Вистинскиот пријател сака во секое време“ (ИЗРЕКИ 17:17).

Понуди му практична помош на твојот пријател. Наместо да си мислиш дека знаеш како да му помогнеш, прашај го што можеш да направиш за него. Ако на твојот пријател му е тешко да објасни што му е потребно, предложи му да правите некои работи заедно, како на пример да одите на прошетка. Или пак, би можел да му понудиш помош околу пазарување, чистење или некоја друга работа (Галатите 6:2).

„Бидете долготрпеливи“ (1. СОЛУЊАНИТЕ 5:14).

Можеби на твојот пријател нема секогаш да му се зборува. Увери го дека спремно ќе го слушаш кога ќе му се зборува. Поради неговата болест, твојот пријател можеби ќе каже или ќе направи нешто со кое ќе те повреди. Можеби ќе ти откаже некои планови или ќе биде нерасположен. Биди стрплив и имај разбирање за него додека му ја пружаш потребната поддршка (Изреки 18:24).

Твојата поддршка може многу да значи

„Се трудам да бидам пријател со кој таа секогаш може да зборува. Иако немам решение за нејзините проблеми, секогаш се трудам да сослушам што има да ми каже. Понекогаш, сѐ што ѝ е потребно е само некој да ја сослуша и потоа таа се чувствува подобро“ (Фера, a чија пријателка страда од нарушување на исхраната, анксиозно нарушување и клиничка депресија).

„Една моја пријателка е многу обѕирна и позитивна. Таа ме покани кај неа дома на вкусен оброк. Таа беше толку грижлива и атмосферата беше толку пријатна што ми беше полесно да ги изразам моите чувства. Тоа многу ме охрабри“ (Ха-јун, која страда од клиничка депресија).

„Многу е важно да си стрплив. Кога мојата сопруга ќе направи нешто што ќе ме вознемири, се потсетувам дека тоа е поради нејзината болест, а не дека таа е таква личност. Тоа ми помага да не ѝ се лутам и да бидам пообѕирен“ (Џејкоб, чија сопруга страда од клиничка депресија).

„Мојата сопруга ми дава огромна поддршка и утеха. Кога ме обзема анксиозноста, таа никогаш не ме присилува да правам нешто што не ми се прави. Понекогаш, тоа значи дека и таа нема да прави нешто што сака да прави. Таа е посебна за мене бидејќи е многу великодушна и несебична“ (Енрико, кој страда од анксиозно нарушување).

a Некои имиња се сменети.