Префрли се на текстот

Кој е Јехова?

Кој е Јехова?

Што вели Библијата:

 Јехова е вистинскиот Бог за кого читаме во Библијата, Творецот на сѐ (Откровение 4:11). Нему му служеле пророците Авраам и Мојсеј, како и Исус (1. Мојсеева 24:27; 2. Мојсеева 15:1, 2; Јован 20:17). Тој не е Бог само на еден народ, туку е Бог „над целата земја“ (Псалм 47:2).

 Како што дознаваме од Библијата, Јехова е единственото име на Бог (2. Мојсеева 3:15; Псалм 83:18). Тоа доаѓа од хебрејскиот глагол „да стане“, и многу изучувачи сметаат дека името Јехова значи „оној што предизвикува да стане“. Ова значење е во склад со фактот дека Јехова е Творецот и дека може да ја исполни секоја своја намера (Исаија 55:10, 11). Освен тоа, Библијата ни помага да дознаеме каква личност е Богот чие име е Јехова, особено дека неговата најистакната особина е љубовта (2. Мојсеева 34:5-7; Лука 6:35; 1. Јованово 4:8).

 На хебрејски јазик, името Јехова се пишува со четирите хебрејски букви יהוה (ЈХВХ), познати како тетраграм. Не се знае како точно се изговарало името на старохебрејски јазик. Но, на македонски јазик Божјето име обично се преведува со „Јехова“.

Зошто не се знае како се изговарало Божјето име на старохебрејски јазик?

 Зборовите на старохебрејски јазик се пишувале само со согласки, без самогласки. Оние што зборувале хебрејски, при читањето знаеле каде да ги додадат соодветните самогласки. Меѓутоа, откако било завршено пишувањето на Хебрејските списи („Стариот завет“), некои Евреи од суеверие почнале да веруваат дека е погрешно да се изговара Божјето лично име. Кога читале на глас некој стих во кој стоело Божјето име, го заменувале со изразите „Господ“ или „Бог“. Со текот на времето, ова суеверие толку се раширило што првобитниот изговор на Божјето име се изгубил. a

 Некои сметаат дека Божјето име се изговарало „Јахве“, а други имаат поинакви мислења. Во еден свиток пронајден кај Мртвото Море што содржи дел од 3. Мојсеева на грчки јазик, Божјето име е транслитерирано како Иао. Раните грчки писатели укажуваат дека е можно Божјето име да се изговарало и како Иаи, Иаве и Иауе, но никој не може да докаже како точно се изговарало на старохебрејски. b

Погрешни мислења во врска со Божјето име во Библијата

 Неточно: Преведувачите самите го додале името „Јехова“ во некои Библии.

 Факт: Божјето име на хебрејски во облик на тетраграм се појавува во Библијата околу 7.000 пати. c Во повеќето преводи Божјето име е намерно отстрането и е заменето со некоја титула како, на пример, „Господ“.

 Неточно: На Семоќниот Бог не му е потребно лично име.

 Факт: Самиот Бог ги поттикнал писателите на Библијата да го запишат неговото име илјадници пати. Освен тоа, рекол дека сака секој што верува во него да го користи неговото име (Исаија 42:8; Јоил 2:32; Малахија 3:16; Римјаните 10:13). Бог дури и ги осудил лажните пророци што се обиделе да го наведат народот да го заборави неговото име (Еремија 23:27).

 Неточно: Според еврејската традиција, Божјето име треба да биде отстрането од Библијата.

 Факт: Точно е дека некои еврејски книжници не го изговарале Божјето име. Но, тие не го отстраниле од нивните Библии. Во секој случај, Бог не сака да следиме човечки традиции кои се разликуваат од она што тој го заповедал (Матеј 15:1-3).

 Неточно: Божјето име не треба да се користи во Библијата затоа што не се знае како точно се изговарало на хебрејски.

 Факт: Според оваа логика, Бог би очекувал на секој јазик неговото име да се изговара на ист начин. Но, Библијата покажува дека верните слуги на Бог од минатото ги изговарале имињата на различен начин, според јазикот на кој зборувале.

 Да го земеме за пример името на Израелскиот судија Исус Навин. Христијаните од првиот век што зборувале хебрејски веројатно го изговарале неговото име како Јехошуа, додека оние што зборувале грчки како Исус. Во Библијата се користи грчкиот превод на хебрејското име Исус Навин, што покажува дека христијаните биле разумни и ги изговарале имињата на начин што бил највообичаен на нивниот јазик (Дела 7:45; Евреите 4:8).

 Истиот принцип важи и кога се преведува Божјето име. Многу поважно е тоа да стои секаде каде што треба во Библијата, отколку да се одреди како точно се изговарало.

a Во една католичка енциклопедија пишува: „Некое време по Изгнанството, почнало да се смета дека името Јахве е премногу свето за да се изговара, па затоа почнало да се заменува со зборовите АДОНАЈ или ЕЛОХИМ“ (New Catholic Encyclopedia, второ издание, том 14, страници 883-884).

b За повеќе информации, види во брошурата Да ја истражуваме Божјата Реч, страници 1-5.

c Види во библискиот лексикон Theological Lexicon of the Old Testament, том 2, страници 523-524.